Двата најдобри натпревара се одиграа вечерва во Малме и во Катовице. Хрватска и Србија мораа да победат за да ги задржат шансите за четвртфиналето ги добија првите полувремиња против Данска, односно Норвешка. Многу драма имаше и во вториот дел на двата дуела.
Данска – Хрватска 32:32 (15:16)
Во Малме по 10.минути игра Хрватска имаше водство од 6:4, но по двете исклучувања кај Хрватска Данска одржуваше нерешен резултат 6:6 и 8:8. Од 15.минута светскиот првак Данска влезе во „црна дупка“ и седум минути не постигна гол, па Хрватите имаа водство од +4 (12:8). Данскиот селектор Јакобсен потоа во нападот почна да напаѓа 7-6 и на крајот на првиот дел Хрватска водеше со 16:15. Предводник во играта на Хрватите беше Лука Циндриќ со 5 голови.
Хрватска со играта на пикер Шипиќ го одржуваше водството. Но, во 35.минута една чудна судиска одлука на Шпанците (еден досуди топка за Хрватска, другиот за Данска) и светскиот првак изедначи, а Дувњак поради приговор доби 2 минути. Данска ги консолидираше редовите Хансен погодуваше во напад (најчесто од 7.метри), а Ландин влезе во серија одбрани. Во игра гол за гол, Хрватска во последните 10.минути влезе со предност од еден гол 27:26.
Во последните 10 минути Данска во напад повторно почна да игра 7-6 и поведе со 31:30 во 57.минута. Хрватска изедначи на 32:32 со голот на Карачиќ, откако претходно Хансен реализираше уште еден седмерец. Во последниот напад Данска направи грешка, а за преостанатите неколку секунди Циндриќ не успеа да погоди. Со нерешениот резултат Хрватска ги задржа шансите за четвртфиналето. Најефикасен кај Данска беше Хансен со 8 голови (6 од седмерец), додека кај Хрватска Шипиќ постигна 9 голови, а Главаш 8 (без промашување – 6/6 седмерци)
Норвешка – Србија 31:28 (14:17)
Во Катовице Србија во првите 30.минути диктираше темпо и игра во дуелот со Норвешка, пред се благодарение на одличниот на голот Дејан Милосављев, кој беше енигма за Сагосен и неговите соиграчи. Во 10.минута Србија поведе со 6:5, а највисоките + 4 во првиот дел (во три наврати) ги достигна во 21.минута (13:9). Оваа разлика Србија ја одржуваше до крајот на првиот дел – 17:14. Најдобар стрелец во првиот дел беше Милош Обровиќ со 4 голови.
Србија имаше добар старт на вториот дел за водство 19:14 во 35.минута, но Норвешка не се откажа и со серија од 9-3 во 44.минута поведе со 23:22. Во продолжението Норвешка доминираше и 54.минута поведоа со 29:24.
Кај Норвешка најефикасни беа сагосен и Бертхолд со по 5 голови, додека кај Србија по 5 голови постигнаа Орбовиќ, Радивојевиќ и Ѓорѓиќ. Милосављев дуелот го заврши со 10 одбрани, но недеоволни за триумф.