По четири сезони минати во каталонскиот и европски гигант Барселона, хрватскиот репрезентативец Лука Циндриќ има нов предизвик во кариерата.
Некогашниот ас на Металург и Вардар потпиша договор со романскиот првак Динамо Букурешт до 2026 година.
Во изјава за „Спортске Новости“, Циндриќ потенцира дека приказната за тимот од Букурешт го потсетува на онаа на Вардар.
„Не одам во непознато. Знам кој е таму, тренер во кој имам доверба и сигурен сум дека тој знае што прави. Бев во Вардар каде исто така имаше проект за иднината и со кој имав некои прекрасни моменти, освоив титула во Лигата на шампионите и сега оваа приказна со Динамо Букурешт ме потсетува малку на тоа време. Размислував многу, каде, што, како, имав доста опции, но на крајот ме мотивираа тренерот Пасквал, проектот, навивачите кои ги има Динамо Букурешт и мислам дека тоа може да биде убава приказна. Динамо не е Барса, која има 16 врвни ракометари, но има карактер и сигурен сум дека тренерот ќе го извлече максимумот од сите. Го искусив тоа во Вардар, кога дојдовме како анонимуси на Ф4 и на крајот го освоивме. Не беа пресудни ѕвездите, не е пресудно сите да бидат врвни индивидуалци…Поентата е во екипата, хемијата, поврзаноста…“, вели Циндриќ.
По цели девет сезони во Лигата на шампионите со Металург, Вардар, Келце и Барса, Хрватот ќе мора да се задоволи со настап во Лигата на Европа.