Циндриќ: Денот кога Вардар ја победи Барса ги остварив своите соништа, ноќта не можев да спијам од возбуда…

Хрватскиот плејмејкер Лука Циндриќ, кој деновите пред стартот на подготовките за новата сезона ги минува во татковината, се потсети на еден момент кој го смета за најголем успех во кариерата.

Некогашниот ас на Металург и Вардар, беше клучниот човек во победата на „црвено-црниот“ тим над Барселона во полуфиналето од Лигата на шампионите пред три години.

„Тогаш ги остварив сите мои соништа. Секогаш си замислував уште како клинец како постигнувам победнички погодок во последните секунди од некој важен натпревар. Такви соништа те туркаат напред, сакаш да ги оствариш…Пазете, дадов гол против Барселона, мојот омилен клуб. Тоа чувство не можам да го опишам. Таа ноќ не можев да спијам од возбуда. Тоа што се случи во Келн тогаш веројатно се случува само еднаш во животот“, вели Циндриќ за „Net.hr“.

Пресудниот момент кога неговата кариера тргна во нагорна линија, Циндриќ вели дека е преминот од Металург во Вардар.

„Најтешкиот период од мојата кариера ми беше кога бев на суд со Металург, бидејќи не сакаа да ми дадат исписница. Беше тогаш лоша атмосфера, ситуација. Клубот се распаѓаше, а јас единствен не добив исписница, не знам од кои причини. Покрај тоа, бараа оштета за мене, а не ме плаќаа. И тогаш половина година немав клуб. Тоа ми беше навистина стресен период. Потоа потпишав за Вардар и тогаш се појави уште една поголема желба, инает…Секако, во приказната се вклопи и одличниот тренер Раул Гонзалес, покрај кој напредував најмногу“, заврши Циндриќ.

Тој два пати играше на Ф4 со Вардар, еднаш со Келце, а со тимот на Барселона ќе има шанса за нов на 28 и 29 декември во Келн.