Во натпреварот од последното коло од Суперлигата, Охрид в петок гостува кај Вардар Неготино. Двете екипи во натпреварот влегуваат после убедливите победи во Купот на Македонија. За охриѓани победата на овој натпревар е императив.
Десното крило, Балша Цејовиќ, вели дека тимот е подготвен за дуелот и дека сакаат со победа да ја завршат полусезоната.
„Ова е последен натпревар и мораме да одиграме најдобро што знаеме, да ја завршиме полусезоната на убав начин, сериозно работиме на тоа, а потоа да се подготвиме што подобро за плеј-офот. Се надевам дека овој пат ќе биде поинаку, за разлика од првиот дуел со Вардар Неготино, ние напорно работиме, ќе дадеме 100% од нашата сила, и се надевам на позитивен резултат. Мораме да бидеме сконцентрирани во текот на целиот натпревар, да влеземе сериозно и на најдобар начин со победа да го завршиме овој дел“, изјави Цејовиќ.
Со него се согласува и неговиот колега Халил Озтурк. Вели одиме во Неготино по три бода.
„За разлика од првиот дуел на кој јас и Бојаниќ не настапивме поради повреда, овој пат очекувам во натпреварот да влеземе посконцентрирано и да не дозволиме повторно неизвесност до самиот крај. Нема да биде лесно тоа, но ние ќе дадеме се од себе за да славиме кај Вардар Неготино. Се надевам на добра игра во одбраната, и лесни голови од контра. Сакаме победа на овој дуел и да одиме на заслужен одмор пред предизвиците кои не очекуваат во плеј-офот“, изјави Озтурк.
Натпреварот помеѓу Вардар Неготино и Охрид се игра во петок, 16 декември, со почеток во 18:30 часот.