Македонскиот шампион Вардар го ангажираше првото засилување за новата сезона. Станува збор за десниот бек на Хановер, Нејц Цехте. Тоj ќе остане најмалку една сезона во Скопје, со можност за продолжување на соработката доколку клубот е задоволен од неговиот настап.
Цехте е словенечки репрезентативец кој последните четири сезони ги мина во Бундес лигата, а во последните две сезони му е соиграч на Македонецот Филип Кузмановски. Словенецот беше дел од националниот тим на последното Европско првенство во Унгарија и Словачка, но немаше голема минутажа.
„Среќен сум што доаѓам во Вардар. Го одбрав македонскиот првак бидејќи знам што значи клубот во светот на ракометот, и знам дека може да придонесе и за мои подобри игри и резултати. Слушнав само убави работи за околу се што ме очекува во новата средина, за тренерот, за нивото на кое е клубот, за тренирањето. Очекувам дека ќе ги оствариме резултатите што ќе бидат поставени пред нас, и секако ќе се бориме. Едвај чекам да дојдам во Скопје, со новиот тим, со момците. Се веселам што ќе можам да играм пред таква публика, атмосфера, и да тренирам со стручњак од калибарот на Давид Дејвис“, вели Цехте.
Има 29 години, потекнува од школата на Горење Велење, каде што играше до 2018 година, а оттаму се пресели во бундеслигашот, каде ја делеше минутажата со Хрватот Мартиновиќ.
Оваа сезона има одиграно 22 натпревари во Бундес лигата и во Купот на Германија, и има постигнато 29 погодоци. Најдобра сезона во Германија му беше 2020/21, кога постигна 87 гола.
Вардар оваа сезона има три десни бекови во ростерот – Кевин Њокас, Кунни Моралес и Давид Савревски.