Познато е дека ракометарките на Кометал Ѓорче Петров гинеа една за друга и на теренот и надвор од него и дека многу работи во нивниот приватен живот беше подреден на ракометот и професионалните обврски.
Секоја од нив жртвувала по нешто, па така и Милева Велкова, која во викенд-интервјуто призна дека играла и бремена и повредена.
„Во шампионската сезона се повредив на еден натпревар во Словенија. Скинав заден лигамент на колено, но додека траеше натпреварот не чувствував ништо, подоцна, кога се олади местото дојде болката и проблемите. Трифун веднаш ме однесе во Австрија и докторот ми вели дека сум имала среќа. Задниот лигамент на коленото ’пукнал’ по должина, а не по ширина, што е еден во милијарда случаи. Ме спаси тоа што сум имала силната мускулатура, односно мускулот ми го заштитил коленото. Имам сега два лигаменти место еден (се смее) и јас за многу кусо време, два месеци се вратив во игра.“
„Сум играла и бремена! На почетокот на бременоста (втор месец) Македонија играше меч со Хрватска. Колега беше со нас во екипа, големи пријателства, но и голем ривалитет и сакав да играм. Во нашата екипа само Ишка и уште две-три Кометалки со кои бев поблиска знаеја дека сум бремена. Пред натпреварот влегов во соблекувална на Хрватска и им кажав дека сум бремена и ги замолив само да не ме удираат по стомак. Немаше никаков проблем се до десетина минути пред крај кога ненамерно, при едно вртење една од нив ме удри со рака по стомак и јас паднав. Ме извадија од игра и требаше да одмарам и да останам на клупа, но кај му велам на докторот ’Враќај ме на терен моите дома гледаат и знаат дека сум бремена, да не се грижат.’ Одморив малку и се вратив во игра и паметам дека мојот покоен свекор ми рече дека му паднал ’камен од срце’ кога видел дека се враќам во игра. По натпреварот му кажав на тренерот, на управата и на другите од екипата дека ќе правам подолга пауза.“ (се смее)
Во продолжение прочитајте го комплетниот разговор.
ИНТЕРВЈУ МИЛЕВА ВЕЛКОВА: ’Ѓорче Петров’ не смее да оди во заборав!