Цвијиќ: Се надевам дека повторно ќе бидам дел од ЦСКА Москва

Поранешната ракометарка на Вардар, Драгана Цвијиќ, која во пролетниот дел од сезоната настапуваше во ЦСКА Москва, во разговор за рускиот „Брз Центар“ ги сподели своите впечатоци од нејзиниот настап во ЦСКА Москва и истакна дека првенство во Русија е на квалитетно ниво, односно дека на секој натпревар треба да се даде максимумот доколку се посакува победа.

Искусниот кружен напаѓач од Србија пред да се пресели во Москва добила коментари дека во рускиот шампионат ќе има многу лесна задача и дека секој противник, со исклучок на Ростов Дон, ќе биде лесен залак за московската екипа, во која настапува и репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска.

„Пред да дојдам во Русија, слушнав многу приказни за нивото на националниот шампионат, од типот дека многу лесно можеш да го победиш секој противник со 10 гола разлика. Во реалноста, сè се покажа баш спротивно. На секој натпревар треба да имате сериозен пристап, во спротивно ризикувате да изгубите. Мислам дека нивото на Суперлигата во Русија не е толку лошо како што ми велеа некои личности“, изјави Цвијиќ.

Србинката во следната сезона ќе настапува за унгарски Ференцварош. Цвијиќ во ЦСКА Москва беше миленичка на фановите и од руската престолнина ќе си замине со убави спомени, но се надева дека еден ден ќе направи камбек во московската екипа.

„Се надевам дека повторно ќе бидам во овој клуб. Истото им го кажав на раководството на ЦСКА кога го напуштив клубот. Мене многу ми се допадна престојот во Москва. И ако имам можност да се вратам овде, тогаш нема да размислувам двапати“, заврши Цвијиќ.

Искусниот пикер во својата кариера настапуваше и за екипите на Црвена Звезда, Будуќност, Вардар, ЧСМ Букурешт и Крим Меркатор. Дресот на Вардар го носеше една сезона, 2017/18. Со црногорскиот шампион, Будуќност двапати ја освои Лигата на шампионите.