Репрезентацијата на Србија неславно ги заврши квалификациските натпревари во Ѓер за пласман на Летните Олимписки игри во Токио. Пред почетокот на натпреварите, Србинките најавуваа жестока борба против сите противници. Сепак во клучниот натпревар против Унгарија се покажаа во лошо издание.
Една од главните ракометарки во репрезентацијата на Србија, Драгана Цвијиќ во изјава за медиумите во нејзината земја потенцираше дека треба да се менуваат работите алудирајќи на дел од раководството на ракометниот сојуз на Србија и на дел од стручниот штаб.
„Српската ракометна федерација всушност се откажа од нас кога ни беа најпотребни. Не ја интересираше нашето мислење, не обрнуваше внимание на нашите критики за помош. По завршувањето на Европското првенство во Данска, промените беа неопходни затоа што и тогаш се чинеше дека работите не се одвиваат баш најдобро. Тоа беше предупредување, но ништо не се случи. Не можам повеќе да молчам и се надевам дека мојата изјава ќе помогне порано или подоцна“, вели Цвијиќ.
Некогашната вардарка со нејзината репрезентација имаше забележителни настапи на сите континентални натпреварувања. Потенцираше дека ова се последни натпревари во националниот дрес за голем број на ракометарки од нејзината репрезентација.
„Не сакам да зборувам, но веројатно овие натпревари се последни на национален план за голем дел од нас кои се наоѓаме во репрезентацијата“, заврши Цвијиќ.
Србија во втората квалификациска група за противници ги имаше репрезентациите на Русија, Унгарија и Казахстан. Убедливо беше поразена од Русија и Унгарија, а за утешното трето место во својата група славеше против Казахстан.