Во натпревар од 7. коло од унгарскиот шампионат во женска конкуренција се судрија лутите ривали и најголемите фаворити за титулата Ференцварош и Ѓер.
Екипата од Будимпешта успеа да му го нанесе првиот сезонски пораз на Ѓер, триумфирајќи со 32:26 и пред реванш дуелот, кој ќе се одигра на 4 април следната година, ќе има поголема психолошка предност и голема шанса да ја врати титулата во свои раце.
Тимот на Ференцварош на дерби дуелот беше предводен од екс ракометарките на Вардар, Драгана Цвијиќ и Андреа Лекиќ.
Цвијиќ имаше 100% реализација, шест гола од исто толку обиди, додека Лекиќ, исто така одигра без грешка и постигна четири гола во мрежата на гостинките.
На голот на Ференцварош одлична беше Бланка Биро со 11 интервенции, а пет одбранети удари забележа Кинга Јанурик. Кај Ѓер единствено расположена беше репрезентативката на Норвешка, Стине Офтедал со пет погодоци, кои беа недоволни за поволен резултат на нејзината екипа.