Цар: Не треба да нè залажуваат проблемите на Вардар

Ракометарите на Вардар кои се рекордери по бројот на титулите во СЕХА лигата денеска ќе се обидат да дојдат до предност против Нексе за на реваншот на 15 март во Скопје да се обезбеди потврда за пласманот на уште еден Ф4 турнир во регионалната лига.

Вардар влегува во овој двобој како фаворит, но ќе мора да го оправда овој факт на теренот, па денеска и следната недела се очекуваат два интересни натпревари. Нексе е сериозен ривал и тоа се виде на двобоите против Еурофарм Пелистер, но Вардар знае како против овој тим и затоа се очекува уште денеска да се обезбеди убав резултат.

Чуварот  на мрежата на Нексе, Морено Цар вели дека и покрај проблемите, Вардар се уште е квалитетен тим.

„Не треба да се фокусираме на проблемите на Вардар и покрај тоа што дел од играчите заминаа, се уште имаат тим што може да победи секој во Европа. Пред две седмици го декласираа Мотор со десет разлика во Лигата на шампионите. Имаат одлични крила, плејмејкер, крила…Но сепак ние сме подготвени и ќе биде одлично во Нашице да дојде голем тим како Вардар“, изјави Цар.

Македонскиот тим би требало да настапи во полн состав, додека кај хрватскиот вицепрвак ќе недостигаат двата десни бека, Иван Сршен и Марко Бувиниќ.

Натпреварот меѓу Нексе и Вардар се игра денеска со почеток во 17:00 часот.