Хуманата страна на ракометот: РК Еурофарм Пелистер 2 со донација за Центарот за социјални грижи

По пласманот во македонскиот плеј-оф ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 предводени од тренерот Александар Јовиќ се одлучија дел од премијата добиена за нивниот успех да ја донираат на Центарот за социјални грижи во Битола.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2, стручниот штаб и менаџментот на клубот со хуман гест ги израдуваа децата без родители во Центарот за социјални грижи во Битола.

Ракометарите донираа дел од премијата за пласман во плеј-офот на Суперлигата, како и производи од компанијата Еурофарм, неопходни за најмладите. Во името на клубот и оваа хумана иницијатива подароците ги донираа капитенот Васко Димитровски, Филип Ивановски, Стефан Талевски и Иван Димитровски.

„На иницијатива на ракометарите и стручниот штаб се одлучивме на ваков хуман гест. На овие деца им се неопходни овие подароци, производи и нашата грижа. Затоа повикувам и другите да го следат нашиот пример“.-истакна капитенот на битолскиот суперлигаш.

Со минатогодишното отворање на пет мали групни домови во Битола, Министерството за труд и социјална политика со своите партнери го започна процесот на целосна трансформација на „Мајчин дом“ и сите 27 деца се веќе преселени во објекти кои наликуваат на топол семеен дом. Овој хуман гест е за поздравување и со сигурност нема да биде последен на ракометното семејство Еурофарм Пелистер.