Хрватскиот ракомет е завиен во црно поради страшната трагедија во која настрада младата 18-годишна ракометарка Маја Зорица.
Маја беше дел од тимот на Сплит, истовремено настапуваше и за кадетската репрезентација на „коцкестите“, а нејзината смрт ја потресе целата ракометна јавност.
Според информациите на хрватските медиуми, трагичниот настан се случил кога Маја во текот на вчерашниот ден со две другарки патувала дома во Сињ.
На пат кон местото наречено Дичмо, на нивната лента преминал 44-годишен возач, кој бил под дејство на алкохол, при што дошло до судир меѓу двете возила.
Маја со тешки повреди била пренесена во најблиската болница, но за жал не преживеала. Нејзините две пријателки, од кои едната е малолетна, а другата има 25 години, исто така се здобиле со тешки телесни повреди и моментално се во болница.
Хрватскиот ракометен сојуз изрази сочувство за трагичната загуба. Натпреварот на нејзиниот клуб кој беше закажан за денеска против Зрински во Солин е одложен.