Хрватска рустински до висока победа над Италија

Во првиот контролен натпревар пред Светското првенство 2023 репрезентацијата на Хрватска рутински стигна до висока победа 40:26 (23:14) против Италија. Ова впрочем беше и очекувана победа на фавориот. Вториот контролен дуел на овие две репрезентации (од затворен тип) што требаше да се игра утре е откажан.

Хрватска веќе на самиот старт почна да „се одлепува“ и по 10 минути игра водеше со 10:3,  притоа правејќи серија од 6-1, а стрелец на четири од тие шест гола беше крилото Ловро Михиќ. До крајот на првиот дел водството постојано се зголемуваше, а селекторот на Хрватска Хрвоје Хорват им даде шанса речиси на сите играчи.

Во второто полувреме Хрватите направија нова серија од 8-1, за потоа во финишот на дуелот да ги имаат и највисоките +17 (39:22).

Најефикасни на натпреварот беа репрезентативците на Италија Паоло Марони и Кристијан Манојловиќ со по 5 голови, додека кај Хрватска 4 постигнаа: Михиќ, Марин Шипиќ, Филип Граховац и Лука Ловро Кларица.

Голем проблем за селекторот на Хрватска е повредата на десното крило Иван Чупиќ (колено).

Хрватска на Светското првенство игра во Г групата против Египет (13.јануари), САД (15.јануари) и Мароко (17.јануари).