Селекцијата на Хрватска победи со 25:24 против Србија и со три победи во тешка група успеа да го освои првото место и дефинитивно пренесува четири бода во следната рунда без разлика кои ќе бидат двете селекции што ќе и се придружат.
Хрватките одиграа тежок натпревар против Србија во кој имаше големо надигрување во сите 60 минути. И двете селекции имаа свои моменти така што на периоди се менуваше и репрезентацијата која е во водство.
Уште од почетокот имаше тензија. Хрватките беа во гол предност, но Србинките беа близу и парираа. Сепак, требаше време и првиот удар го зададе селекцијата на Србија која после 9:9 со 4:0 стигна до убава предност која им донесе сигурно водство во 24. минута. Меѓутоа до крајот на првиот дел немаше игра од Србија која даваше надеж, па на одмор беше нерешено, 14:14 откако селекцијата на Хрватска одново влезе во добар период.
Продолжението мина со постојани пресврти. Одново и едниот и другиот состав имаа свои минути. Имаше шанса за победа и на едната и на другата страна, но до финишот немаше сигурност за никого.
Откако во 50. минута беше 23:23 следуваа минути без гол на двете страни, а потоа Хрватска поведе со 25:23 во 57. минута. До крајот имаше само еден гол од Србија, а потоа во последните 20 секунди Србинките пропуштија шанса за реми и сигурно место во следната фаза.
Дора Крсник со шест и Камила Мицијевиќ со пет гола беа најефикасните во редовите на Хрватска, додека Катарина Крпеж-Слезак со пет погодоци беше прв стрелец во составот на Србија.