Тимот на Алкалоид успеа да слави на гостувањето кај Пролет со 28-22 и го потврди местото во европските купови за следната сезона, бидејќи собра 24 бода. Тоа се 13 повеќе од петтопласираниот Тиквеш, па новиот суперлигаш на крај може да биде најмалку четврто место. Момците на Алексо Лембанов пружија силен отпор на фаворизираниот гостин, но на крајот мораа да се помират со пораз.
Домаќините отворија со водство со 2-1, но потоа направија неколку грешки што беа казнети со лесни погодоци на спротивната страна од брзиот Стојков и гостите ја преземаа контролата на теренот, 7-3.
Се играше гол за гол во продолжение, Галевски беш одличен на голот на тимот од Автокоманда, но и Михајлевиќ запре два удари на гостите, па Пролет се доближи на 12-10 со двата гола на Пецаковски од пенал.
Сепак на паузата избраниците на Кире Лазаров заминаа со водство од 14-11, иако имаа можност да биде и плус четири, но по неговиот тајм-аут избрзаа со шутот, па дури можеа и да примат погодок.
Пролет беше упорен и на стартот на вториот дел намали на минус еден, 16-15, но следуваа две наивни грешки, кои со погодоци ги казнија Маркоски и Петковски, па гостите одново беа на плус три, 18-15.
Храбрите домаќини предводени од кадетскиот репрезентативец Димковски се изборија за реми, 20-20, имаа и напад за водство кој не беше искористен, па Серафимов реализираше од контра за 21-20 за гостинскиот тим.
Беше и 22-21, Пролет имаше пенал, но Пецаковски го погоди во глава Трајкоски и доби црвен картон. Гостите не искористија шанса во следниот напад, но ниту Пролет не беше успешен и во последните 10 минути беше 23-21 за тимот од Автокоманда.
Потоа гостите дадоа уште два гола за 25-21 и до крајот не ја испуштија предноста. Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Ѓорѓиев и Стојков со по пет погодоци, додека кај Пролет шест гола даде Василевски. Тимот од Автокоманда сега има 24 бодови на третото место и во следното коло го чека Охрид, а Пролет останува последен со шест бода, а во следното коло игра дома со Еурофарм Пелистер.