По триумфите над ПСЖ и Порто, ракометарите на Веспрем ја забележаа третата победа во Лигата на шампионите, откако славеа над романскиот првак Динамо Букурешт потешко од очекувањата со 33-30.
Динамо тргна силно. Акименко погоди на два пати од пенал, а потоа и екс вардарецот Кудуз, и беше 3-0 за романскиот првак. Букатару бранеше одлично за разлика од Цупара, па Веспрем беше во подредена ситуација.
Момците на Чави Пасквал водеа со два до три гола разлика, а домашните никако не може да фатат приклучок, па Момир Илиќ мораше бара тајм-аут при резултат 10-8 за Динамо. Наместо да се вратат во мечот, неговите избраници правеа нови грешки.
По грешките на египетското дуо Омар и Елдера, Кашпарек казни и Динамо се одлеп на плус четири, 14-10. Згора на се, Буктару им фати пенали на Маргуч и Ненадиќ, па тимот од Букурешт имаше уште еднаш плус четири, 16-14.
Сепак до паузата негативата беше преполовена. Иако Кудуз постигна гол на четири секунди до крајот на полувремето, сепак Веспрем изведе брза акција и поради тоа што Динамо беше без голман, од центарот стрелаше Лауге за 17-15 на пауза.
Решавачки за побдникот беа првите десетина минути во вториот дел. Веспрем заигра подобро во одбрана, Коралес исто така беше одличен на голот и домашните дадоа пет, а примија само еден гол за 22-18.
Потоа се беше полесно. Гостите се обидуваат да парираат, најопасен беше Кашпарек, но машинеријата на Веспрем не беше лесно да се запре. Беше и 29-25 на десетина минути до крајот, но Гедбан фати неколку топки во серија и Динамо се врати во игра.
Погодија Гурбиндо и Кашапарек за 29-27, имаа гостите и напад за минус еден, но Коралес одбрани шут на Мамду. Ненадиќ ги зема работите во свои раце и со голот за 32-28 стави точка на прашањето околу победникот.
Лауге, Ненадиќ и Омар дадоа по пет погодоци, а голманот Коралес имаше 12 интервенции за Веспрем. Кај Динамо Букурешт, по седум пати стрелаа Кашпарек и Акименко, додека шест пати погоди Кудуз.