Машката репрезентација на Македонија губи на полувремето од пријателскиот натпревар со Хрватска со 22-19. Домашните подобро отворија, имаа и плус четири гола, но малку по малку нашите ракометари се враќаа во игра, заиграа подобро во одбраната и израмнија по дваесетина минути. Во финишот неколку грешки во серија и домаќините одново си ја вратија предноста.
По едно промашување на двете страни, Гоце Георгиевски го отвори резултат со гоол од контра, но Циндриќ набрзина израмни. Пешевски донесе нова предност за Македонија, а потоа следуваа низа грешки и бевме казнети од десното крило Краљевиќ и Дувњак за 5-2 за Хрватска. Манасков промаши пенал, но се поправи во следната акција со гол за 5-3.
Томовски немаше решение за Краљевиќ кој зголеми и на 7-4, а левото крило Јелиниќ донесе највисоки плус четири за Хрватска, 9-5. Беше и 10-6, но како одминуваше времето, така нашите ракометари фаќаа ритам. Хорват ги повлече Циндриќ и Дувњак, влегоа Карачиќ и Срна, па хрватскиот напад малку затаи. Манасков намали на 11-10, а беше и 12-11, па домашниот селектор мораше да бара тајм-аут.
Лазаров исто така менуваше. Кизиќ застана на голот, Стојковиќ во одбрана, а Младеновиќ, Ѓоргиев и Серафимов играа во нападот. Токму Младеновиќ намали на 14-13, но и Шарац на спротивната страна реализира.
Следуваа најдобрите минути на Македонија, кога Манасков со два гола во низа, од кој едниот особено атрактивен израмнивме на 15-15. Потоа имаше три грешки, Шуњиќ исто така беше добар на голот и Хрватска се одлепи одново на плус три, 18-15.
Се постигнуваа брзи погодоци на двете страни, Хрватите ја одржуваа предноста и со голот на Дувњак стигнаа до 22-18. Сепак Македонија избори седмерец, кој во гол го претвори Кузмановски за 22-19 на паузата.