Екипата на Еурофарм Пелистер за новата натпреварувачка сезона ангажираше шест засилувања. Меѓу новите ракометари во македонскиот вицепрвак ѐ и репрезентативецот на Тунис, Усама Хосни, кој во редовите на „фармацевтите“ пристигна од француски Истр.
Тунижанецот во интервју за српскиот портал „Рукометни Журнал“ изјави дека можел да остане во неговиот поранешен клуб, Истр, но како главен фактор за неговото доаѓање во Македонија ги истакна високите амбиции на Еурофарм Пелистер.
,,Кога ја добив поканата од Еурофарм Пелистер, можев да не ја прифатам и да останам во Истр, но за мене беше примамливо да играм во сериозен и амбициозен клуб како Еурофарм Пелистер, клуб кој игра во Европа, во СЕХА лигата и има за цел да ја освои титулата во Македонија. Се зближивме и сега не сме многу оддалечени со семејството на мојата сопруга (Јована Мисаиловиќ Хосни) и во овие две години целта ми е конечно да го научам српскиот јазик”, изјави Хосни.
Искусниот ракометар, кој игра на позицијата десен бек, позиција на која во Еурофарм Пелистер настапува и Мартин Велковски, очекува дека ќе има успешна сезона со тимот од Битола.
„Тоа е животот на професионален спортист. Од она што го слушнав за Еурофарм Пелистер добив мотивација да играм во овој клуб и да дојдам во Битола. Оптимист сум дека оваа година ќе ја освоиме титулата. Лани тимот не ја освои титулата поради мали детали. Навивачите на Еурофарм Пелистер се голем дел од мојата мотивација да бидам на моето највисоко ниво. Со нетрпение чекам да играм пред фантастичната публика во Битола. Верувам дека неверојатно е чувството да се игра во град кој живее за ракометот“, заврши Хосни.
Репрезентативецот на Тунис во својата кариера настапуваше и за екипите на Клуб Африкан, Иври и Понто Комбо. Со екипата на Еурофарм Пелистер потпиша двегодишен договор.