Најдобриот десен бек од последното Европско првенство, Хорхе Македа, од следната сезона ќе ги брани боите на унгарскиот шампион Веспрем.
Информациите што беа лиферувани на почетокот на декември минатата година, добија потврда и Македа наскоро би требало да биде промовиран како нов ракометар на тимот предводен од Давид Дејвис.
Промоција чека и десното крило Данил Шишкарев, кој си оди од Вардар по пет сезони и ќе игра за унгарскиот првак. Покрај Дејвис, таму се уште и поранешните вардарци Штербик, Манасков, Борозан и Рожерио.
Македа потекнува од Барселона, играше за Алкобендас и КАИ Арагон, потоа за францускиот Нант, две години во Вардар, пред да се пресели во ПИК Сегед, каде што е еден од најдобрите стрелци.
Трансферите на релација ПИК Сегед – Веспрем и обратно не се ништо ново. Лани од Веспрем во Сегед се пресели голманот Роланд Миклер, а во истата насока на лето ќе се пресели и левиот бек Борут Мачковшек.