Франуцскиот селектор Гијом Жиил не може да крене глава од проблеми пред стартот на Европското првенство.
Тој остана без услугите на левиот бек Елохим Пранди, кој беше жртва на напад и беше прободен со нож за време за новогодишната прослава.
Ракометарот на ПСЖ е во болница, не е во животна опасност, но сигурно е дека нема да игра на континенталниот шампионат.
„Елохим Пранди беше жртва на насилен напад синоќа во Париз и се здоби со неколку убодни рани. Играчот е под опсервација во болница и неговиот живот не е загрозен. Полицијата отвори истрага за целиот случај. Клубот ја изразува својата огорченост од оваа агресија и дава своја целосна поддршка на Елохим Пранди и неговите роднини да го пребродат ова тешко искушение“, напишаа од ПСЖ на социјалните мрежи.
Полицијата не открива детали за немилиот настан, но доброто во лошото е што Пранди не е во животна опасност.
Селекторот на Франција од претходно остана без услугите на Ремили, Н’гесан и Лука Карабатиќ, а позитивни на коронавирус беа Никола Карабатиќ, Беноа Конку, Реми Десбоне, Уго Деска, Јанис Лене, Ејмерик Мин и Дилан Наи.
Франција е во групата Ц на ЕП заедно со Хрватска, Србија и Украина.