Хорват за 24Ракомет: Металург се јави во вистинско време и со вистинска понуда

Со Загреб поминав сè, и добри и лоши работи, но сè уште имав мотивација и пред сè љубопитност.

Како бомба одекна веста дека освојувачот на медали од ракометните ЕП, СП и ЛОИ ќе потпише договор со поранешниот македонски првак Металург. За многумина изненадување, некои и со неверување ја коментираат веста за заминувањето на Златко Хорват од Загреб каде беше член цели 18 години! За тоа време освои 15 титули и куп трофеи во Хрватска, 1 титула во СЕХА лигата, 3 пати беше третопласиран во СЕХА лигата и 1 беше финалист на КПК.

Но леворакото крило од Загреб, Златко Хорват ќе ја збогати конкуренцијата не само во тимот од Автокоманда туку и во македонскиот ракомет. Хрватската колонија се зголемува, а „сините“ сериозно размислуваат повеќе да не бидат третопласирани во домашното првенство во Македонија, туку да одат и чекор или два напред.

„Металург беше конкретен во понудата и тоа беше само една од причините за моето доаѓање во Скопје. Едноставно размислував дека можеби е време да пробам и во некој друг клуб, да видам како е во друга атмосфера, друга екипа. Со Загреб поминав сè, и добри и лоши работи, но сè уште имав мотивација и пред сè љубопитност. Сакав да видам како е во друг клуб“, вели Златко Хорват за 24ракомет.

Сепак, Металург не беше единствената опција за Хорват. Имаше и други клубови кои беа заинтересирани.

„Имав и некои понуди од Франција, 1-2 клуба, но не беа така конкретни. Металург беше конкретен и мислам дека се појави во вистинско време и со одлична понуда. Тоа беше период кога размислував што и како и едноставно решив. Знам дека доаѓам во клуб со голема традиција кој има одлични резултати зад себе, а во Скопје сум бил безброј пати. Така што тоа и не го сметам за нешто далечно, вели Хорват. „Тешко беше да пресечам“.

Металург можеби и малку го изненади со понудата. Беа конкретни, упорно и убедливи.

„Не се двоумев многу. Едноставно клубот дојде со понуда во вистинско време токму кога бев решен дека сакам нешто да сменам. Ако многу размислував тогаш тешко ќе се решев да заминам. А веќе знаев дека сакам нов предизвик и да видам како би функционирал, а да не биде тоа Загреб“, вели Хорват.

Одлуката за промена на средината доаѓа по 18 сезони минати во Загреб. Сега десното крило доаѓа во Скопје во време кога и клубот најавува стабилизација со ветување дека позитивни ветришта ќе дуваат од Автокоманда.

„Секој клуб кој бил во некоја таква незавидна ситуација полека се извлекува. Сега и времето е такво со вирусот, но мене ми е драго што Металург има амбиции да се врати. Драго ми е што ќе бидам во Скопје каде ракометот е навистина популарен. Сега е период каде сите се соочуваат со некои проблеми, но пак велам, мотивацијата и љубопитноста беа големи. Сакав да видам како би функционирал во друга средина, друг клуб…Секако дека и нивната понуда беше примамлива и конкретна“.

Од оние успешни генерации на Хрватска во ракомет во Македонија продефилираа доста играчи, па и тренерот Лино Червар. Сега во Вардар е Иван Чупиќ, во Еурофарм Пелистер е тренерот Желко Бабиќ и Стипе Мандалиниќ. Сега често ќе има „хрватско дерби“ во Македонија.

„Па веќе се чув со Чупиќ. Веднаш ми се јави по објавувањето на веста. Се наприкажавме и се понуди за помош за што било. Ние сме сите добри пријатели и драго ми е што ќе има и добри дерби средби“, вели Хорват.

„Сè уште се нeмам чуено со Лино кој беше тренер во Металург“.

 

Колку што е изненадувањето трансферот во Скопје, толку е можеби и чуден изборот на Хорват. Од настапи во светските сали во ЛШ, сега ќе игра во локалните македонски сали во Радовиш, Кавадарци, Струмица….

„Свесен сум за тоа. И за патувањата во Кавадарци, Струмица, Радовиш. Мојата кариера ме научи никого да не потценувам. Така ќе биде и сега. Имам мотив во себе и ќе дадам сè да бидеме најдобри, вели Хорват.

Го препознаваат по неговиот број 18 на дресот. Во Металург нема договорено број.

„Не е толку важно тоа. Немам некое големо барање, вели Хорват.