Сезоната 2019/20 во СЕХА лигата не финишираше на терен, па останаа дел од натпреварите да бидат комплетирани за да може да бидат познати сите учесници на Ф4 турнирот.
Според информациите се прави лан во последниот викенд од август да бидат одиграни реванш дуелите меѓу Вардар-Нексе и Веспрем-Војводина. И Вардар и Веспрем имаат предност од првите натпревари и се очекува да нема поголеми проблеми за да се дојде до пласман на завршниот турнир во Задар.
„Имаме информации дека раководството на СЕХА се обидува да направи сè за да може натпреварувањето да продолжи понатаму. Тоа зависи од цела низа на фактори, не е сè само во рацете на ракометните работници. Се бараат решенија и излези за да може лигата да оди понатаму и натпреварите да бидат одиграни според планот. Верувам дека ќе можеме да гостуваме во Скопје и да го одиграме натпреварот против Вардар. Потоа ќе следува и Ф4, како и новата сезона“, вели тренерот на Нексе, Хрвоје Хорватм, во интервју за медиумите во Хрватска.
На првиот натпревар екипата на Вардар во Нашице победи со 31:30 и овој гол предност ќе треба да се одбрани во Скопје. Инаку, натпреварот првично беше закажан за 15 март.