Екипата на Нексе в недела ќе гостува во Скопје каде што против екипата на Вардар ќе го одигра реваншот од четврт-финалето од СЕХА лигата. Вардарци имаат предност од 31:30 од првиот дуел, па оттаму тимот од Нашице се наоѓа во тешка ситуација.
Сепак, тренерот на оваа екипа, Хрвоје Хорват е и понатаму оптмист дека неговите ракометари ќе можат да се изборат за позитивен резултат.
„Вардар и понатаму има одлични поединци кои се заслужни за предноста од еден гол. Би рекол дека ние имавме одличен настап во неделата, одигравме храбро и паметно, но гледам дека мораме уште малку да ја подобриме играта во одбрана. Со ваква игра која ја покажавме на првата средба секако можеме да се надеваме на пласман на Ф4 турнирот од СЕХА“, вели Хорват.
Тој нема да може да смета на комплетниот состав ниту за оваа средба. Ќе му недостигаат неколку ракометари така што ќе се соочи со проблеми околу формирањето на тимот за дуелот против Вардар.
„Што се однесува до повредите, прашање е дали на реваншот ќе може да настапи Јанко Кевиќ. Тој вчера и завчера не тренираше и ќе видиме каква е сериозноста на неговата повреда. Во составот и понатаму нема да бидат ниту Сршен ниту Бувиниќ, а тие ќе и се приклучат на екипата дури после реваншот“, изјави Хорват.
Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра в недела од 20:15 часот.