Холандија има „ѕвер” на голот: Равенсберген спушти ролетна, „лалињата” ја растурија Аргентина!

Денеска со почеток од 18:00 часот стартуваше првото коло од групите Ф, Е, Г и Х на Мундијалот во Полска и Шведска.

За нас посебно интересна е групата Ф каде меѓусебен дуел одиграа нашите директни конкуренти за пласман во следната фаза, Холандија и Аргентина. Холанѓаните со својата брза игра прилично лесно ја скршија Аргентина, која немаше одговор за расположените Шанген и Смитс, а посебно за фантастичниот Равенсберген кој нанижа неверојатни 19 одбрани.

Аргентина-Холандија 19-29 (11-14)

По израмнетиот почеток кога на семафорот стоеше 4-4, Холандија го зададе првиот удар на натпреварот. Предводени од расположениот Равенсберген на голот кој собра неверојатни 10 одбрани во првиот дел, како и Стеинс и Смитс во надворешната линија холанѓаните веќе во петнаесеттата минута имаа водство од 5-10. Аргентинската одбрана беше премногу спора за брзата холандска транзиција која како казнена експедиција ја казнуваше секоја грешка на противникот.

Таквата игра ја донесе Холандската репрезентација до највисоки +6 (6-12) на десетина минути до крајот на првиот дел. Тоа како малку да ги опушти ракометарите на Штафан Олсон кои подзастанаа, а Аргентина го искористи моментумот и преку браќата Симонет успеа да се врати во игра. Аргентинците намалија на 11-13 и имаа напад за -1 кој не успеаа да го реализираат. На крајот Холандија постигна погодок и на полувреме се замина со резултат 11-14.

Холандија – Аргентина СП 2023

Вториот дел започна фуриозно за Холанѓаните кои  многу брзо со серија од 5-1 стигнааа до највисоко водство од +7 (12-19). Аргентина со серија од 3-0 се обиде за момент да се врати во игра, но немаше константност во нападот, а и фантастичниот Равенсберген ја спушти ролетната. Во продолжение холандската предност се зголемуваше, и во 55.минута стигна до двоцифрени 17-27. Конечниот резултат на натпреварот гласеше 19-29.

Смитс со 7 и Шанген со 6 гола ја водеа Холандија до прв триумф на Светското првенство, а нерешлива енигма за аргентинците беше холандскиот голман Равенсберген со 19 одбрани.

Во останатите натпревари од денешната програма Германија стигна до очекуван триумф против Катар од 31-27, Бахреин и Тунис ремизираа 27-27, а САД извојува историска победа над Мороко со 28-27.

 

Останати натпревари:

Бахреин-Тунис 27-27  (16-15)

Германија-Катар 31-27 (18-13)

Мароко-САД 27-28 (12-12)