Ракометарките на Холандија продолжуваат да ги полнат головите на противниците на Мундијалот, а во второто коло постигнаа над 50 гола и ја совладаа селекцијата на Узбекистан со 58:17. После првото полувреме резултатот беше 28:10, а во продолжението одиграа во ист ритам и остварија убедлива победа. Најефикасни беа Лариса Нусер и Деби Бонт со по девет гола.
Русија во дербито на денот беше поуспешна од Полска и славеше втора победа со 26:23. После првите 30 минути Русинките имаа добри шест гола предност 16:10, а во продолжение Полска се обиде да се врати, но немаше сили за пресврт. Екатерина Илина беше најефикасна во победничкиот тим со осум гола, Скоробогатченко постигна пет гола. За селекцијата на Полска, Александра Росијак заврши со осум погодоци.
Франција лесно се справи со Словенија и забележа победа од 29:18. Французинките доминираа во текот на целиот натпревар, а уште на полувреме имаа пет гола предност која ја потврдија и во вториот дел. Нзе Минко со шест гола беше најефикасна за Франција, а во тимот на Словенија се истакна Аља Врагалиќ со шест гола.
Романија уште еднаш имаше лесна задача и во второто коло ја совлада репрезентацијата на Казахстан со 38:17. На полувреме Романките има 14:9, а во вториот дел одиграа поубедливо и остварија лесен триумф. Прв стрелец беше Лаура Моиса со шест гола во тимот на Романија, а за Казахстан Ирина Александрова постигна осум гола.
Шведска беше многу убедлива против Порто Рико, одигра како на полесен тренинг и забележа убедлива победа од 48:10. И на полувремето Швеѓанките имаа огромно водство од 26:5 и до крај одиграа рутински.