Денес се комплетираше првото коло од новата сезона во женската Лига на шампиони, во која норвешкиот шампион Вајперс Кристијансад ќе ја брани освоената титулата од минатата сезона.
Милионскиот проект на ЧСМ Букурешт пред својата публика едвај дојде до победа против Крим Меркатор. Романскиот тим триумфираше со 30:28 (17:19), во натпревар од групата А.
Ракометарките на ЧСМ Букурешт иако одиграа слабо прво полувреме, сепак, во вториот дел беа подобриот противник на терен. По водството на Крим од 21:20, домашниот тим со серија од 4:0 направи комплетен пресврт, поведе со 24:21 и до крајот ја одржуваше резултатската предност.
Најефикасни во победничката екипа беа Грас Заади со осум и Кристина Неагу со пет погодоци. Во екипата на Крим одлична партија одиграа новите засилувања, Дарија Дмитриева и Јованка Радичевиќ, кои постигнаа по девет гола во мрежата на романскиот тим.
Ѓер на гостувањето во Данска успеа да триумфира против Есбјерг со 31:29 (13:13) во неизвесен дуел од групата Б. И двете екипи имаа свои моменти на натпреварот, а унгарскиот гигант беше повеќе сконцентриран во финишот од натпреварот и со два гола во низа, откако претходно резултатот беше 29:29, дојде до важна победа.
На останатите натпревари победа оствари екипата на Мец, која против дебитантот во Лигата на шампионите, Сторхамар, обезбеди убедлива победа од 31:22 (21:9), додека екипата на Битигхајм без проблеми славеше на гостувањето во Чешка против Бањик Мост со 46:23 (23:12).
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЖЕНИ, РЕЗУЛТАТИ
ГРУПА А
БАЊИК МОСТ – БИТИГХАЈМ 23:46 (12:23)
ВАЈПЕРС КРИСТИЈАНСАД – БРЕСТ БРЕТАЊ 31:24 (18:13)
ФТЦ – ОДЕНСЕ 27:23 (12:12)
ЧСМ БУКУРЕШТ – КРИМ 30:28 (17:19)
ГРУПА Б
ЕСБЈЕРГ – ЃЕР 29:31 (13:13)
КАСТАМОНУ – БУДУЌНОСТ 27:40 (13:20)
ЛОКОМОТИВА ЗАГРЕБ – РАПИД БУКУРЕШТ 27:31 (12:16)
МЕЦ – СТОРХАМАР 31:22 (21:9)