Селекторот на Србија, Тони Херона, го соопшти скратениот список пред настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Херона ќе смета на 24 ракометари, а селекцијата ќе биде комплетна дури на 1 јануари кога ќе се приклучат играчите од Бундес лигата.
Шпанскиот стратег на скратениот список го вметна вардарецот Дарко Ѓукиќ, како и екс „црвено-црните“ ракометари – Дејан Милосављев, Мијајло Марсениќ и Илија Абутовиќ, како и екс членот на Металург и Работнички, Вања Илиќ.
Иако не беше за очекување, на списокот се најде и Петар Ненадиќ, кој би требало да заздрави од повредата на стартот на 2022 година.
Србија ќе ги стартува подготовките на 26 декември во Стара Пазова, а планирани се две пријателски средби со Германија на 7 и 9 јануари во Манхајм, односно Вецлар.