Коронавирусот се шири со брзина на светлината низ целиот свет, а препораките од властите се најголемиот дел од времето да го поминувате дома и да избегнувате контакти со луѓе. Ракометните симпатизери, навивачи, ракометарите и спортските работници, се соочија со прекин на натпреварите, но спортот за сите сега не е во преден план, туку личното здравје и здравјето на сите околу.
Сега нашите херои се медицинските лица кои несебично даваат се од себе во справување со новиот вирус, и со постојано едуцирање на луѓето како да се заштитат. Тие работат и повеќе од потребното, се изложуваат на поголем ризик.
Михаела Капсарева е дел од женската судиска двојка заедно со Лела Јашар, добро познати на македонските ракометни терени. За помалку упатените, професијата на Капсарева е медицинска сестра, па сега кога нема натпревари, таа е максимално посветена заедно со сите здравствени работници на борбата против коронавирусот.
„Како медицинско лице ги почитувам сите мерки од Владата, а секако и мерките од установата каде што јас работам. Главните сестри во болницата постојано ни ги повторуваат сите мерки што се неопходни за да се справуваме со оваа ситуација. И јас ви препорачувам на сите да ги почитувате сите мерки на власта, мијте ги рацете многу често, намалете ги контактите со другите луѓе, бидете дома и не изглегувајте надвор без потреба и сите заедно да се потрудиме за коронавирусот што побрзо да го снема. И јас се наоѓам во истиот кош, како и сите други луѓе. Доколку вие се заштите како што треба, со тоа ни помагате и нас, на здравствените работници. Треба да мислиме позитивно и да не паничиме, и барем еднаш да бидеме сплотени како народ и да го почитуваме тоа што ќе ни биде препорачано“, вели Капсарева.
Таа работи како медицинска сестра во оперативниот оддел во градската болница во Скопје.
„Во градската болница обемот на работа е намален, со оглед на тоа што веќе се затвори едно одделение, кое ќе биде резервирано за пациенти што ќе се лекуваат од коронавирусот, доколку се пополни капацитетот на Државната болница. Во мојот оддел, оперативниот блок, се извршуваат само итните операции и последните неколку дена. Раководството ќе реши следниве неколку дена и да се редуцира персоналот, односно ќе доаѓаме на повик, по потреба за итни случаи, за да не се собираме многу луѓе на едно место“, продолжува Капсарева.
Таа вели дека често во последниот период добива повици од луѓе поврзани со ракометот, кои бараат совети од неа.
„Добивам многу повици од ракометарки и ракометари, од ракометните работници. Нормално е сите да бидат исплашени и да бараат совети. Освен оние препораки од власта, јас ви препорачувам да се храните здраво за имунитетот да не може да падне“, вели Капсарева.
Со оглед на тоа што е прогласена вонредна состојба во државата, тешко дека во месец април ќе гледаме ракомет на нашите терени.
„Ми недостасува моментот кога треба да ја делам правдата на терените заедно со мојата колешка Лела Јашар. Особено во овие моменти кога треба подолго да седиме дома. Си го пополнувам времето со гледање ракометни натпревари од минатото кои ги имам во мојата колекција, бидејќи во моментов не се играат натпревари. Ракометот е мојата прва љубов, секогаш сум била на теренот, дали како играч или како судија, и во последно време не сум имала толку долга пауза. Се надевам дека наскоро ќе се среди ситуацијата, ќе се играат нашите лиги и ќе можеме и ние да се вратиме на теренот“, заврши Капсарева.