На завршната прес-конференција на Светското првенство во Шпанија со Меѓународната ракометна федерација федерација (ИХФ), нејзиниот претседател д-р Хасан Мустафа изјави дека нема да има никаква промена во форматот на Светското првенство, односно бројката од 32 репрезентации ќе остане иста за наредниот Мундијал.
Претседателот на ИХФ од страна на норвешката новинска агенција „NTB“ доби прашање кое се однесуваше на бројот на учесници на Светското првенство во Шпанија, односно дали на наредниот Мундијал бројот ќе се намали со оглед на тоа дека во Шпанија имавме прилика да гледаме кошаркарски резултати во прилог на европските земји против остатокот од светот, со исклучок на неколку репрезентации (Аргентина, Ангола, Бразил, Јужна Кореја, Јапонија).
Мустафа беше прецизен во својата изјава и истакна дека целта на ИХФ е голема популаризација на ракометот надвор од Европа, а за таа цел ќе треба помош од големите ракометни земји.
„ИХФ и големите ракометни земји треба да им помогнат на најмалите. Ќе ги охрабрам сите да дадат поддршка. Многу сме среќни што ќе му помогнеме на ракометното семејство ширум светот, да има ракомет на сите континенти. Сè започнува на мало. Ракометот е светски спорт. Затоа решивме да го зголемиме бројот на нации надвор од Европа. Најголемиот проблем во спортот е што успехот не се случува преку ноќ“, изјави Хасан Мустафа за „NTB“.
Следното Светско првенство во женска конкуренција ќе се одржи во декември во 2023 година во Данска, Норвешка и Шведска.