Екипата на Хановер каде што настапува македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски имаше уште едно убедливо издание во Бундес лигата, а против Лемго, беше обезбедена победа од 31:23.
После неколкуте добри и ефикасни натпревари Филип Кузмановски на дуелот против Лемго имаше свој придонес. Тој имаше еден удар кон противничкиот гол, но не погоди. Во статистиката зад своето име запиша, три асистенции, едно исклучување и солидно издание во одбранбените задачи.
Хановер имаше целосна контрола на натпреварот, почетните минути беа израмнети, а во продолжението еден тим доминираше. Од 5:5, Хановер направи серија од 4:0 и се одлепи на водство кое го одржа до крај на првиот дел кога беше 16:12. Уште на стартот на второто полувреме Хановер го реши натпреварот кога поведе и со девет гола разлика, а до крај рутински одигра за нови бодови.
Ова беше петти триумф за Хановер сезонава, има четрири нерешени средби и се наоѓа на 11. позиција на табелата со 14 бодови. Во следното коло, веќе во сабота тимот на Кузмановски ќе има тешко гостување кај Магдебург кој се наоѓа во врвот на првенствената табела.