Претстојниот викенд Охрид ќе биде центарот на македонскиот ракомет и ќе биде домаќин на завршницата во Купот на Македонија. Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет и дебитантот Алкалоид ќе се борат за вредниот трофеј.
Алкалоид во претходната фаза ги елиминираше тимовите на Бутел Скопје и Вардар Неготино во четвртфиналната група што се играше во неговиот дом во Автокоманда. Потешка задача тимот на Кире Лазаров имаше во полуфиналето против Бутел, кога во последната секунда со голот на Серафимов стигна до триумф, а потоа имаше лесна задача против неготинци.
Ривал на дебитантот во суперлигашката конкуренција кој има шанса да ја заврши и сезоната во првенството на второто место, ќе биде рекордерот по бројот на титули во Купот – Вардар, кој има 15 трофеи во своите витрини.
Момците на Лазаров веќе еднаш „му ја земаа мерката“ на се уште актуелниот шампион во Суперлигата, па го знаат рецептот за победа над „црвено-црните“. Веќе испишаа историја со пласманот на завршниот турнир, а сега ќе имаат шанса да испишат уште една златна страница во кратката историја.
Во првото полуфинале ќе се соочат Еурофарм Пелистер и Пролет од 17:30, додека Алкалоид и Вардар ќе играат од 20:00 часот.