Селекцијата на Шпанија ја оствари првата победа на Олимписките игри во Токио. По поразот од Шведска во првиот меч, избраничките на Карлос Вивер, забележаа триумф над Франција со 25-28.
Во првиот дел имаше грешки и голмански одбрани на двете страни, но Французинките први стигнаа до повисока предност, 8-5. Сепак таа беше анулирана од Шпанија, па на пауза се замина со 12-12.
Во второто полувреме по 13-14, „фуријата“ направи серија од три гола за 14-18 и таа предност не ја испушти до крајот. Заади намали на 18-20 на петнаесетина минути до крајот, но следуваше уште една серија од три гола на Шпанија за 18-23 и веќе беше направен клучниот чекор до триумф.
Се обиде Крумболц со тајм-аут да ги смири своите ракометарки, Фопа намали на 23-25, но потоа Заади промаши пенал и немаше веќе назад. Шпанките само рутински ја задржаа предноста за конечни 25-28.