Селекцијата на Шпанија остана во трка со Хрватска по првото место во групата 1 од главната рунда на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, откако славеше над Белорусија со 28-37.
Избраниците на Јуриј Шевцов отворија со предност од 5-2, но “фуријата” набрзина се врати во игра и израмни на 6-6. Потоа се играше гол за гол, со тоа што и двете репрезентации се менуваа во водството. На пауза европскиот првак имаше предност, 16-17.
Во вториот дел по 20-22 за Шпанија, Белорусите останаа без Артем Каралек кој доби црвен картон, па момците на Жорди Рибера се одлепија на 20-25. Иако остануваа уште дваесетина минути за игра, сепак немаше премногу возбудувања.
До крајот Шпанците само рутински ја задржаа предноста за конечни 28-37. Најдобри стрелци кај победникот беа Соле со седум, како и Македа и Фернандез со по шест погодоци, додека кај Белорусија се истакнаа Ваилупов со осум и Кулеш со шест.