Еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во Лига на Европа, Фуксе Берлин ќе биде значително ослабен за дуелот против македонскиот вицепрвак, откако од бундеслигашот информираа дека еден од најдобрите играчи на „лисиците“ Матијас Гидсел ќе паузира најмалку десет недели.
Раководството на Фуксе Берлин преку клупската страна информираше дека десниот бек од Данска во натпревар од ЕХФ Евро Купот против Шведска заработил повреда на левата рака, а лекарските прегледи покажале дека младиот ракометар не мора да оди на операција, но ќе треба да отсуствува од ракометните терени до крајот на годината.
Тоа значи дека Фуксе Берлин на шест натпревари во Лига на Европа ќе настапи без данскиот репрезентативец. Бундеслигашот во рамки од 3. коло од Лига на Европа на 22 ноември ќе гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер.
Фуксе Берлин пред доаѓањето во Битола ќе игра со Бидасоа во второ, односно Мотор Запорожје во прво коло. Освен во Лига на Европа, Фуксе Берлин без Гидсел ќе настапи и на 12 натпревари од Бундес лигата.
Доколку Гидсел се опорави до јануари, тогаш ќе може да игра на Мундијалот во Полска и Шведска. Светското првенство 2023 ќе започне на 13 јануари.