Игра на позиција лево крило, настапувал за Франција и има пехар од Лигата на шампионите со Монпелје.
Суперлигашкиот дебитант Алкалоид, кој во првата сезона во елитното друштво обезбеди место во Лигата на Европа, веќе размислува за новата сезона и работи на засилувања, меѓу кои и интернационалци. Новото засилување на Алкалоид зад себе им и пехар од Лигата на шампионите.
Според информациите на 24ракомет, во Автокоманда доаѓа францускиот интернационалец Арно Бинго, кој беше дел и од националниот тим. Левото крило последната сезона ја мина во португалската Бенфика, но со овој тим не ги исполни зацртаните цели пред сезоната.
Алкалоид ќе има и други засилувања за новата сезона, а според информациите на 24ракомет повеќето од интренационалците треба да дојдат од Франција.
Македонската јавност го памети Бинго уште од времето кога Металург играше со францускиот Трембле во тогашниот ЕХФ Куп. Бинго има 35 години, потекнува од Лион Вилербан каде што играше до 2009 година.
Потоа беше дел од Трембле седум сезони до 2016 година, пред да одигра две во Монпелје со кој стана европски шампион во 2018 година. Потоа се пресели во Спортинг Лисабон на една сезона и се врати во Трембле.
Лани замина вторпат во Португалија, каде играше за Бенфика, но соработката нема да биде продолжена и ќе следува преселба во Македонија. Освен Бинго, Алкалоид за европските настапи планира уште неколку звучни имиња.
Тренерот Кире Лазаров го има на располагање Дарио Кофилоски на левата крилна позиција, а таму играа и Иван Џонов, како и Божидар Илиески. Алкалоид ако заврши на второто место ќе игра директно во групната фаза од Лигата на Европа, додека ако биде трет ќе игра едно квалификациско коло.