Репрезентацијата на Франција, која е еден од ривалите на Македонија на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир, одигра два пријателски натпревари против Германија во рамки од ЕХФ неделата.
Франција на двата натпревари оствари минимална победа. Ракометарките на Франција на првиот натпревар триумфираа со 34:31, додека на вториот победија со еден гол разлика, 30:29.
Селекторот на Франција, Оливие Крумболц даде свое видување за играта на неговите избранички истакнувајќи дека не е задоволен од играта во одбраната.
,,Имаше многу комбинации и промени во двата натпревари, а тоа беше целта. Нашите ракометарки ги заслужија победите, но можам да кажам дека не беше многу лесно. Големо разочарување и на двата натпревари беше играта во одбраната. Но, и во нападот не бевме толку одлични, особено на вториот дуел”, изјави Крумболц за официјалната страна на француската федерација.
Избраничките на Крумболц на ЕП во ноември освен со Македонија ќе играат и со репрезентациите на Холандија и Романија. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза од континенталниот собир.