ПСЖ повторно се враќа на Фајн Фор турнирот во Лигата на шампионите, откако пред своите навивачи го совлада германскиот гигант Кил со 32-29 (17-15) и го завери билетот за Келн. По првиот четврфинален дуел на овие два ракометни гиганти, кој се одигра во Германија, ПСЖ создаде капитал од четири голови предност.
Ова значи враќање на ракометниот гигант на сцената во Келн по една година пауза и нова можност за тренерот Раул Гонзалес конечно да ја освои титулата во Лигата на шампионите по долга низа неуспешни обиди. Последен пат Гонзалес се радуваше на трофејот во елитното натпреварување со Вардар во 2017 година. Од 2019 тој е на кормилото на ПСЖ. Ова е петти пласман на ПСЖ во завршницата на Лигата на шампионите.
Данскиот голман меѓу стативите на францускиот првак, Јаник Грин во воведот имаше три успешни интервенции, сите од зицер позиции и токму тоа беше пресудно за предноста на Французите и за резултатската разлика. На спротивната страна ПСЖ беше фокусиран и прецизен во нападот, со исклучок на една пречка по ударот на Пранди, па затоа домашните ракометари имаа предност од „плус три“ 9-6 по 10 минути игра. Во средина на првиот дел тренерот на Кил се одлучи да го замени индиспонираниот Ландин со Мрква на голот на „зебрите“. Тој успеа да спои неколку успешни интервенции и да им овозможи на колегите од контра напад и брза транзиција да ја вратат неизвесноста во дуелот (11-10 20. минута).
Сепак одбраната на Кил немаше решение за расположениот летонски џин Кристопанс, токму тоа беше клучно за разбивање на „црно-белата“ одбрана. Кил повторно направи неколку неочекувани технички грешки во нападот, во моментите кога играа без голман, а во 25. минута Ненадиќ по втор пат постигна гол преку целиот терен за највисока предност од 15-10.
Второто исклучување на Даинис Кристопанс во финишот на првиот дел ја наруши стабилноста во редовите на парижани. Две технички грешки и успешна одбрана на Мрква ги врати упорните „зебрите“ на само два гола негатива (16-14). Токму таа разлика се задржа до последниот звук на сирената кој означи крај на првиот дел, а на семафорот беше испишан резултатот 17-15.
Во ист состав двете екипи продолжија и по десетминутната пауза. По воведните одбрани на голманите започна нов период од пет минути во кој „зебрите“ грешеа во нападот, а ПСЖ казнуваше. Затоа по шест минути игра домашните ја вратија највисоката предност на овој дуел. Но „зебрите“ бргу се консолидираа и успеаа за момент да се вратат во игра (22-20), но по тајм-аутот на Раул Гонзалес на истекот на 40 минута ПСЖ врати два гола од разликата (24-20) за мирна завршница.
Во 41. минута тренерот на Кил, Филип Јиха, меѓу стативите го врати данскиот интернационалец Ландин. Искусниот голман имаше неколку добри интервенции и успеа да и донесе нов бран мотивација на екипата, но техничките грешки во нападот ги одалечуваа германските ракометари од поволен резултат.
Во последните 10 минути од дуелот двете екипи влегоа со „плус два“ за домаќините, но броплетите решенија во напад за гостите и трпеливата игра за ПСЖ, го даваа посакуваниот резултат. Ниту одбраните на Ландин не правеа разлика на семафорот, напротив во 55 минута ПСЖ преку прецизниот удар на Сипжак од пенал линијата повторно се врати на четири голови предност (30-26). Зебрите од Кил се обидоа да ја намалат разликата дојдоа до „минус два“ во моментите кога ПСЖ го прославуваше пласманот на Ф4, но не успеаа да се простат од Лигата на шампионите без пораз. По шеесет одиграни минути ПСЖ славеше втора победа во четвртфиналето овојпат со резултат 32-29.
Кристопанс беше најефикасен во домашната екипа со 6 голови,Стеинс и Ненадиќ постигнаа по 5 голови. Кај Кил, Овебри шутираше прецизно 5 пати, а Сагосен и Егберг постигнаа по 4 голови.