Иако во групната фаза го освоија само 3. место во Групата Б, репрезентативките на Франција дојдоа до титулата на Олимписките игри во Токио откако во финалето ја совладаа селекцијата на Русија со 30:25.
Во натпревар со многу мотив, многу желба, инспирација… беше зададен силен удар и одработен голем реванш за поразот во Рио пред пет години. Денеска Русија немаше шанси против расположените Французинкикај кои функционираше речиси сè. Одбраната цврста, нападот со добра реализација, а контрите убиствени.
Иако во првото полувреме долго се испитуваа силите на теренот, сепак, на средината на првиот дел се виде дека Франција има игра со која може до повисока предност. Таквата игра донесе до 15:12 на полувремето.
Оваа позитива ја снема набрзина на почетокот на второто полувреме и резултатот беше израмнет на 16:16 со три гола по ред од Русинките. На ова следуваше одговор со 6:0. Голманката Дарле бранеше неверојатно, одбраната на Франција се засили и следуваше казна. Шест гола по ред допринесоа за дасе има 22:16 и ова беше клучниот период бидејќи до крајот веќе немаше враќање во средбата.
Искуството на Французинките е така големо да не се дозволи да се има проблеми во еден натпрефвар во кој се има плус шест така што како одминуваше времето така стануваше јасно дека титулата ќе биде за Франција и дека ова ќе биде голем реванш за поразот од Рио пред пет години кога Русија победи со 22:19.
Воедно Франција се запиша во вечноста бидејќи стана седмата земја која успеала да дојде до титулата на Олимписките игри.
Алисон Пино и Палета Фопа беа одлични со по седум погодоци во редовите на Франција, додека во Русија седум гола имаше Ведекина, а шест Дмитриева.
Претходно во натпреварот за 3. место селекцијата на Норвешка ја совлада Шведска со 36:19.