Репрезентацијата на Франција со триумфот над Шведска од 31:26 ќе игра во финалето на Светското првенство 2023. Противник на ,,сините” во борбата за златниот медал ќе биде актуелниот светски првак, селекцијата на Данска, која во првото полуфинале ја совлада Шпанија.
Откако двете селекции во првите два напади не дојдоа до реализација, првиот гол во второто полуфинале го постигна Ремили за водство на ,,триколорите” од 1:0, додека Шведска бргу израмни на 1:1. Иако Франција имаше водство од 2:1, следуваа два гола во низа на Шведска, која го презеде водството во 5 минута, дојде до 3:2, но со поголема мера возврати Франција и по осум минути игра избраниците на Жил поведоа со 6:3.
Кризата во таборот на Шведска беше прекината со голот на Јохансон, кој намали на 6:4, но Франција преку Пранди повторно дојде на ,,плус три” 7:4. Франција не отстапуваше од трите гола разлика и во 15 минута имаше предност од 9:6. Светскиот вицешампион успеа само за момент да намали на 9:8.
Франција преку расположените Ремили, Пранди, Мем, Мае…имаше одлични пет минути пред полувремето, поведе со 14:9 и лесно се справуваше со одбраната на Шведска. Избраниците на Глен Солберг на моменти со неколку мини серии доаѓаа до намалување на негативата, сепак, тоа не беше доволно, бидејќи Франција влезе во ритам и на полувреме замина со солидна предност од 16:12.
Ракометарите на Франција по пет минути игра во вториот дел повторно дојдоа до 19:14 и не дозволуваа ни најмал напредок во играта на ривалот. Селекцијата на Шведска во 40 минута со голот на Лагерген успеа да намали на 20:17 и се уште имаше шанса за камбек во дуелот.
На голот на Франција одличен меѓу стативите беше искусниот Жерард, кој кога се крешеше резултатот беше најзаслужен што неговата репрезентација одржуваше солидна разлика. По водството на Франција од 24:20, следуваше серија од 2:0 на Шведска, која во 48 минута намали на 24:22.
Следуваше период, во кој Шведска влезе во ритам да игра на негатива од два до три гола разлика, а актуелниот олимписки првак во последните десет минути влезе со резултатска предност од 26:23. Избрзаните удари на избраниците на Солберг, кои беа во трка со времето, беа причина Франција во 55 минута да дојде до 28:23 и веќе тука беше јасно како ќе се одвиваат работите во финишот од дуелот.
Најефикасни во победничката репрезентација беа Лудовик Фабрегас со шест и Дика Мем со пет гола. Кај Шведска се истакна Ерик Јохансон со пет реализации.