Новиот репрезентативец на Данска, Симон Питлик откако имаше одличен деби настап на Светското првенство 2023, стана мета на неколку богати клубови, кои сакаат да го ангажираат во своите редови.
Како што пишува данската телевизија „ТВ 2 СПОРТ“, Питлик својата кариера ќе ја продолжи во Бундес лигата, односно во Фленсбург.
Според споменатата телевизија, кон крајот на месец јануари, тимот на ГОГ одбил милионска понуда за 22-годишниот бек, кој доби репрезентативно место во составот на Николај Јакобсен, но и беше избран за најдобар лев бек на Мундијалот оваа година.
Двете страни по неуспешните преговори повторно разговарале и веќе следната акција за Питлик вродила со плод, па така синот на некогашниот тренер на ЖРК Вардар, Јан Питлик, ќе го има првиот интернационален предизвик во новата сезона.
Иако Питлик има договор со ГОГ до 2025 година, сепак, се проценува дека Фленсбург на данскиот шампион ќе му плати оштета од околу четири милиони дански круни, односно 540.000 евра и тоа би било најскапиот трансфер во ракометната историја во Данска.
Најскапиот трансфер до сега во данскиот шампионат беше во 2010 година, кога Бјерингбро Силкеборг, според информациите на „ТВ 2 СПОРТ“,, ја продаде швајцарската ѕвезда Енди Шмид на германски Рајн Некар Ловен за приближно 3,5 милиони дански круни или 470.000 евра.