Учесникот во Лигата на шампионите, Фленсбург се соочува со големи проблеми откако во тимот пет ракометари биле позитивни на Ковид 19 и поради тоа, раководството на клубот минатиот викенд мораше да го откаже дерби дуелот против Хановер во рамките од Бундес лигата како мерка на претпазливост.
Најпрво позитивен беше данскиот репрезентативец Симон Халд, а после Халд, уште четворица ракометари исто така добија позитивни тестови. Од кубот открија дека сите играчи кои биле позитивни се целосно вакцинирани.
Сепак, и без неколку стандардни ракометари, Фленсбург ќе го одигра натпреварот од Лигата на шампионите против Динамо Букурешт во Романија. На клупата нема да бидат ниту тренерот Мајк Мачула и неговиот асистент, кои исто така се позитивни, па клубот ќе го води тренерот на вториот тим Михаел Јакобсен.
Дуелот против Динамо Букурешт за поранешниот европски шампион е од голема важност бидејќи со нова победа против романскиот шампион, Фленсбург ќе има голема шанса да се бори за првите четири позиции на табелата во Групата Б. Во претходното коло, избраниците на Мајк Мачула на свој терен беа убедливи против Динамо Букурешт со 37:30.
Натпреварот помеѓу екипите на Динамо Букурешт и Фленсбург ќе се одигра утре со почеток од 18:45 часот.