Екипата на Феризај, во која настапуваат три поранешни репрезентативки на Македонија – Мери Гичева, Ива Стојковска и Веселинка Треноска, беше поразена на првиот финален натпревар во косовскиот шампионат од Истог, со 32:31.
Доколку на вториот натпревар, кој ќе се одигра в среда во Феризај, Истог обезбеди победа, тогаш ќе дојде до 2:0 во финалната серија од плеј-офот и ќе ја освои годинешната титула. Ланската сезона, првото место им припадна на ракометарките на Вуштрија.
Феризај ќе се обиде на домашен терен да ја изненади екипата која во оваа сезона не знае за пораз и со тоа ќе се избори за 1:1 во финалната серија. Доколку биде изедначено, ќе се игра „мајсторка“, на која најверојатно домаќин ќе биде тимот на Истог.
Без разлика на исходот, раководството на Феризај може да биде задоволно бидејќи пред разигрувањето за титулата, односно во регуларниот дел од сезоната, екипата беше третопласирана на табелата.