Екипата на Феризај, во која настапуваат три екс репрезентативки на Македонија, Мери Гичева, Ива Стојковска и Веселинка Треноска, сезоната во косовскиот шампионат ја заврши на 2. позиција откако во вториот финален натпревар против Истог беше поразена со еден гол разлика, 26:25.
Истог во првата пресметка од финалната серија, исто така оствари победа над Феризај, со резултат 32:31. Феризај со освоеното второ место повторно избори учество на европска сцена, ланската сезона клубот учествуваше во рамки од Европскиот Куп.
Ракометарките на Феризај регуларниот дел од сезоната го завршија на 3. позиција, така што со освоеното второ место, раководството на клубот може да биде задоволно од постигнатите резултати за оваа сезона, која сѐ уште не е завршена бидејќи следуваат натпреварите од Купот на Косово.
Феризај избори учество на завршницата од Купот, ја доби организацијата и ќе има одлична можност со поддршка од своите навивачи да направи изненадување. Во првото полуфинале, Феризај за противник ја има Вуштрија, додека во второто полуфинале ќе се сретнат екипите на Истог и Приштина. Натпреварите се закажани за 14 и 15 мај.