Ферари-то што заглави на Широк Сокак

И победата што го вивна Еурофарм Работник

1. „Ова е Битола…“

Не секој може да го победи Веспрем во Европа, рече Веселин Вујовиќ пред гостувањето на Еурофарм Работник против по втор пат, неговиот ППД Загреб. Уште помалку ако тој некој е дебитант на големата сцена.

Но, Еурофарм Работник успеа во тој подвиг против унгарскиот гигант, полн со милиони и преполн со врвни ѕвезди во составот. Второто „Ферари“ на Давид Дејвис, како што милува да ги нарекува Шпанецот, овој пат заглави на Широк Сокак со првиот пораз сезонава во СЕХА лигата. Работник пак со оние сега веќе историски 26-24 направи резултат што ќе се памети, ја врати повторно гордоста на ракометна Битола и го привлече вниманието на ракометна Европа. Со битолчанец на клупата и со битолчанец на голот, како две клучни фигури во триумфот. Значи, сепак можело!

Победата, но уште повеќе играта што ја прикажаа „фармацевтите“ на овој меч, потврдува дека битолскиот тим не е само случаен македонски вицешампион и епизодист, туку сериозен тим, кадарен да се носи со предизвиците.

Никола Митревски потврди дека е во извонредна форма и без проблем може да биде и лидер, а не само најсигурна втора опција. Стевче Алушовски пак потврди дека истрајноста и упорноста секогаш се исплатува. Победата над Веспрем го зацементира Алушовски на многу поцврста тренерска позиција како најдобра сатисфакција за се она што го дал и што сега го вложува во ракометот.

Резулатот од Битола одекна како сензација, но еве и низ бројки една потврда колкава е неговата вистинска тежина.

Настрана парите и ѕвездите во тимот кој има топ играчи за две клупи, стои фактот дека Веспрем сезонава го победиле Кил и Монпелје во ЛШ и само Еурофарм Работник во СЕХА, по трите победи во серија што ги имаше унгарскиот шампион против Мешков, Спартак и Загреб.

Во претходните две сезони (2015/2016 и 2016/2017) кога беше дел од регионалното натпреварување и во оваа сега, Веспрем во Македонија загубил само од шампионскиот тим на Вардар (29-22) и сега од Еурофарм Работник (26-24). Унгарскиот првак и актуелен европски вицешампион, досега во СЕХА има одиграно вкупно 11 натпревари со македонските претставници и има скор од пет победи, три нерешени (сите со Вардар) и три порази (два од Вардар, еден од Работник). За илустрација само, во сезоната 2015/2016 тогашниот дебитант во СЕХА, Макс Струмица, од Веспрем дома загуби со -14, а во гости прими 50-ка и на крај разликата беше цели -34 гола! Чисто за споредба, колку значи битолската победа.

Стартната победничка серија на Еурофарм Работник во СЕХА заврши викендов со минималниот пораз во Загреб, кој според играта, можеше и да не биде. Исто како и оние три во ЛШ…

И генерално, кога ќе се подвлече црта под настапите на битолскиот тим во првиот месец од новата сезона на голема сцена – впечатокот е ветувачки позитивен.

2. …и ова е Битола

Но, Битола сезонава има уште едно „дете“ во ракометна Европа. И таму сликата е малку поинаква. Пелистер растргнат меѓу славното минато и незивесната иднина, лоши одлуки и погрешни потези, милион смени и промени, одбрана на традицијата или реализација на „платформата“ во сега закочената „фузија… тргна за Швајцарија. Со подзакрпен тим и со ентузијазмот на Александар Зарков, да се протурка  некако настапот во ЕХФ Купот. И да помине редот за да нема казни.

За нешто повеќе во Европа, треба многу повеќе дома.

Впрочем, поразот со 23 гола разлика и оние очајни едвај пет гола во првото полувреме против Винтертур најдобро говорат во каква состојба е сега првата гордост на Битола.

Ќе се протурка некако и реваншот со Винтертур и ќе помине брзо европската есен за Пелистер. За една недела, отприлика…

Но, проблемите и натаму остануваат и мора што поскоро да се решат, оти Пелистер во македонскиот спорт сепак, значи многу повеќе од новокомпониран клуб за ваучер-(у)потреба.

3. Европска есен

Секој ваков настап како овој на Пелистер и секое ново коло во европските купови со експресна елиминација на македонските претставници, одново и одново го отвора и прашањето дали е воопшто паметно дел од клубовите да пријавуваат учество во европските натпреварувања. Посебно кога целата „стратегија“ е како да се избегне трошокот и да се истурка настапот што побрзо. Неретко и со две гостувања и најчесто со дебели двоцифрени порази. Како оној на ЖРК Металург со Лублин, или овој на Пелистер со Винтертур.

Одвреме-навреме има и по некој позитивен пример како настапот на ЖРК Куманово во ЕХФ Купот и нивната достојна елиминација (ако воопшто може да се спојат овие два збора). Или европската деби победа на Бутел против Запорожје со реална шанса да избори малку подолга есен во Европа. Тоа веќе е некое позитивно меѓународно искуство, во рамките на можностите. И добра стимулација и мотивација и за играчите и за Грчевски, прв пат во улога на прв тренер.

Се друго се сведува на „жестока“ пролетна борба во плеј-офот за излез во Европа, а потоа есенска мака „што сум дигал раката…“ Оти, се некако излегува дека ни е куса чергата за Европа. И покрај парадоксот дека европскиот шампион доаѓа одавде.

И, секоја година, безмалку, иста приказна.

 

 


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.