Репрезентациите на Бразил и Јапонија кои во првото коло остварија победи се сретнаа во 2. коло на Светското првенство, а како победник излезе селекцијата од Јужна Америка која славеше победа со 29:25.
Јапонија одигра одлично прво полувреме и после 30 минути водеше 15:12. Сепак, во вториот дел Бразилките беа одлични и направија пресврт за втор триумф на Мундијалот. Адријана Кардосо со седум гола беше предводничка на Бразил, додека во тимот на Јапонија по четири гола постигнаа Охјама, Аизава и Хатори.
Во најнеизвесниот натпревар во вечерниот термин Унгарија ја совлада Чешка со 32:29. После првиот дел Унгарија имаше водство од 17:15 кое во продолжението успешно го сочува за втора победа. Катрин Клујбер беше најрасположена за игра и постигна 11 гола за Унгарија, а во тимот на Чешка се истакна Маркета Јерабкова со 10 гола.
Домаќинот Шпанија имаше лесна задача против Кина и славеше убедлива победа од 33:18. Уште по првиот дел беше решено сè кога домаќинот на првенството водеше со 16:7. Прв стрелец во победничкиот тим беше Кабрал Барбоса со пет гола, а за Кина најефикасна беше Шуи Ванг со три погодоци.
Данска исто така имаше полесен тренинг против репрезентацијата на Конго против која славеше убедлива победа од 33:18. Победникот беше решен многу рано, а уште на полувреме Данска имаше двоцифрена предност од 18:7. Во продолжение само ја потврдија победата. Ларке Педерсен со шест гола беше најефикасна со шест гола, а во тимот на Конго се истакна Нгомбеле со пет гола.