Европската ракометна федерација (ЕХФ) преку својата официјална страна информираше дека се пуштени во продажба првите билети за Европското првенство 2024 година, кое ќе се одржува во Германија.
Билетите се пуштени во продажба точно на 600 дена пред почетокот на континенталниот собир. Сите информации за цената на билетите може да се најдат на веб страницата на ЕП 2024, како и преку официјалната страна за билети на континенталниот собир.
Во првата фаза на продажба, достапни се само пакет билети. Исто така, достапни сѐ и поединечни билети во обидот да се направи светски рекорд на самото отворање на Европското првенство кое ќе биде на „Меркур шпил арената“ во Дизелдорф.
Повеќе од 50.000 гледачи би можеле да присуствуваат на првиот натпревар на германската репрезентација, на кој би можело да биде поставен нов рекорд на најпосетен натпревар во ракометната историја. Билетите за овој настан се достапни од 25 до 129 евра.
Германија од 10 до 28 јануари, 2024, ќе биде домаќин на 24 репрезентации. Mашката репрезентација на Македонија се наоѓа во група со Португалија, Турција и Луксембург во квалификациите за ова големо натпреварување.