Претседателката на ЖРК Вардар и по четири години од последниот настап на Ф4 во Будимпешта и натаму нема одговор на прашањето кои се причините поради кои изостана титулата во Лигата на шампионите.
„Многупати сум размислувала за тоа. Неверојатно е, имате едни како од бајка услови, сè да имате и на крај повторно нијанси не сакаат и тие одлучија да не станеме европски шампиони. Амбиција кај управата имаше. Кога почнувавме Сергеј ме праша за колку време ќе станеме европски шампиони, јас му реков за пет години, а тој ми рече тоа е долг период, ние треба да сме прваци за три години. Разликата можеби беше (не знам кој како ќе го сфати ова) што во Кометал ниту една од нас немаше освоено некоја значајна титула, сите се мачевме заедно да го направиме тоа во клубот. Во ЖРК имаше играчи кои веќе имаа освоено титули, со важни улоги во тие екипи, сите познати и признати и сите тие се добро девојки, извонредни борци, секоја од нив ќе сака и 15 титули да освои, но… Управата никогаш не може да знае што се случува во соблекувалната, самите играчи си решаваат некои проблеми внатре, успеваат или не успеваат да ги надминат и затоа одговорот на тоа прашање никогаш не можам да си го дадам. Некогаш бев незадоволна од самите нас, некогаш од судиите, некогаш не ни беше денот. Некогаш со Индира кога си дискутираме си велиме што може друго да не изненади, каква друга игра на тимот, некогаш ќе имавме брилијантен меч и потоа во продолжението (како со Будуќност) делувавме како дебитанти. Паметам Индира кога го зеде тајм-аутот првата година, потоа со ноќи не спиеше. Следната година кога делегатката и го зеде картонот за тајм-аут од раката, последниот напад во последното финале, кој го промаши Чанаџија. Тогаш ние бевме толку сигурни дека ќе ја освоиме шампионската титула, што на девојките кои беа со нас на трибините им рековме спуштете се долу, готово победуваме, за да славиме… Но тоа е тоа, така требало да биде. За утеха на спонзорот, но и на целиот тој проект Вардар дојдоа двете шампионски титули кај мажите, никој не го очекуваше тоа од нив. Секогаш си велев со Вардар да станеме шампиони, но не прецизирав дека со ЖРК сакам титула (се смее).“
Подолу прочитајте го интервјуто со Нацева.