Македонскиот шампион во женска конкуренција Ѓорче Петров продолжува да се засилува за новата натпреварувачка сезона, 2022/23, во која ќе ја брани освоената титула во домашниот шампионат. По ангажирањето на ракометарката од Феникс, Емилијана Ризоска, клубот од Ѓорче Петров донесе нова репрезентативка во своите редови.
Станува збор за Марија Јанкуловска, која настапува на позиција лев бек и која во Ѓорче Петров ќе пристигне од Пелистер. Јанкуловска на Светското првенство за кадетки, на кое нашата држава беше домаќин, се покажа во одлично светло и добрите настапи во националниот дрес и донесоа трансфер во актуелниот шампион на Македонија.
Битолчанката минатата сезона во домашниот шампионат беше меѓу најдобрите стрелци, постигна вкупно 195 погодоци и заедно со екипата на Пелистер учествуваа во плеј-оф фазата, каде што беше освоена 8. позиција на табелата.
Претходно Ѓорче Петров ја продолжи соработката со Милица Николиќ и до стартот на новата сезона треба да пристигнат уште неколку засилувања, со што би се комплетирал тимот, кој освен на домашна сцена, ќе настапува и во Европа, односно во Европскиот Куп.
Екипата на Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во групата Б заедно со Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи од регуларниот дел ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата.