Еден од тимовите, кои што секогаш им ги мати сметките на „големите“ на домашна сцена, екипата на Силкеборг од Данска се наоѓа пред згаснување, откако минатата година клубот го загуби главниот спонзор и во новата натпреварувачка сезона влезе без големи спонзорства и вложувања.
Како што пренесува данскиот весник „Митјиланд Авис“, Силкеборг се наоѓа во големи финансиски проблеми. Во минатата година, тогашниот главен спонзор на клубот „Јуске Банк“ реши да ја прекине соработката со Силкеборг, но и со машкиот клуб Ајакс, кој исто така се наоѓа пред банкрот.
Клубот во следниот период мора да собере околу 5 милиони дански круни, односно 672.000 евра за да може да продолжи да се натпреварува.
Силкеборг во минатата сезона во најквалитетното натпреварување во Данска играше во плеј-оф фазата, а во оваа сезона по пет одиграни кола се наоѓа на 5. позиција на табелата со биланс од три победи и два порази.