Оваа сезона ќе остане запаметена по заминувањето на неколку ракометни легенди. По Кире Лазаров, уште две легенди кажаа крај, тоа се левото крило, Мишел Гигу и десното крило, Ласе Сван. Поранешниот француски репрезентативец, Мишел Гигу, реши на 40 години да ја заврши својата богата кариера, која беше проследена со голем број на успеси.
Гигу беше член на златната генерација на Франција, која со години доминираше на светската и европската ракометна сцена. Заедно со Тјери Омејер и Никола Карабатиќ, тој е најуспешниот француски репрезентативец, со десет златни медали што ги има освоено на големите првенства од 2006 година.
Во својата богата кариера со француската репрезентација трипати го освои златото на Олимписките игри во 2008, 2012 и 2020, и со тоа ќе остане како еден од 18-те француски спортисти кои освоиле најмалку три златни медали на Олимписките игри. Од почетокот на неговата кариера, па сѐ до 2019 година настапуваше за Монпелје, додека во последните три сезони играше за екипата на Ним. Со Монпелје двапати ја освои Лигата на шампионите, сезона 2002/03 и 2017/18.
Освен Гигу, кариерата (ќе) ја заврши и ракометарот од Данска, Ласе Сван. Десното крило на Фленсбург пред неколку месеци стави крај на репрезентативната кариера, а утрешниот натпревар против Фуксе Берлин ќе биде последниот во неговата ракометна кариера.
Сван од 2009 година беше член на Фленсбург, пред да се пресели во Германија настапуваше за екипата на ГОГ. Со Ханс Линдберг долго време го сочинуваа тандемот на десната крилна позиција во данската репрезентација. На 245 меѓународни натпревари, постигна 570 погодоци во репрезентативниот дрес и освои се – европско, светско и олимписко злато. Со Фленсбург во 2014 година ја освои Лигата на шампионите.